Изминативе денови цела Србија е вознемирена поради скандалот со наводното сериско силување во училиштето за глума „Ствар срца“.

Професорот по глума, Мирослав Мика Алексиќ младите глумици го обвинија за сексуално напаствување, а свои искази досега дадоа Милена Радуловиќ, Ива Илинчиќ и уште една девојка, која сакала да остане анонимна.

Адвокатот Зоран Јаковљевиќ од одбраната на 68-годишниот Алексиќ се заканил дека „ако треба“, тој ќе ѝ обезбеди на јавноста материјали на кои може да се види дека една од жртвите е „насмеана и среќна по наводната злоупотреба“, пренесуваат српските медиуми.

Иако е строго забрането да се презентираат какви било информации од истрагата и случувањата во јавното обвинителство, вчера на српски „Новости“ се појави фотографија на која се гледа како Милена Радуловиќ стои покрај Алексиќ насмеана. Фотографијата е наводно направена во јуни 2013 година, за да се овековечи завршувањето на курсот во училиштето за глума на таа генерација.

Фотографијата може да ја видите ТУКА.

Покрај нив на фотографијата се и сопругата на Алексиќ, Билјана Машиќ и актерот Иван Зариќ.

Српски психолог кого медиумите го исконтактирале, анализирајќи ја фотографијата, потенцира дека смеата на девојката е всушност маска за болка.

Емоциите, па така и болката, може да се изразат преку смеа. Поради голем страв жртвите можат да ја активираат смеата како одбранбен механизам. Ова важи за луѓето кои доживеале голема траума. Смеењето има моќ да потисне, посилно е од многу негативни емоции, па со самото тоа жртвите со смеењето го потиснуваат негативното искуство“, рекол психологот за Објектив.рс.

Според српските медиуми, иако во моментот неколку девојки се официјално вклучени, од ден на ден пристигнуваат нови анонимни пријави.

Според сведочењата, Алексиќ првпат ја силувал Радуловиќ во 2012 година, кога таа имала 17, а тој 61 година. Српски Курир пишува дека Алексиќ со месеци бил под надзор, а освен изјавите на девојките собрани се и други, материјални докази. Наводно полицијата поседува аудио и видео снимки од сексуалното злоставување на девојките во училиштето.