Македонскиот државјанин Мартин Сипковски (21), модел по професија, е убиен во експлозијата што се случи минатата недела во стан на улицата Косовска во центарот на Белград, дознава Курир.рс.

Вишото јавно обвинителство во Белград го сослуша Филип В. (26) во врска со експлозијата во која загина Сипковски под сомнение дека на 30 септември нелегално го стекнал, а потоа го носел експлозивот „пентрит“, кој го предал на државјанин на Северна Македонија на аголот од улиците Косовска и Нушиќева истиот ден.

Курир.рс објавува дека Мартин Сипковски, како што е утврдено од досегашната истрага, следниот ден, 1 октомври, околу 21:45 часот, несмасно го активирал експлозивот и починал на самото место.

„По обдукцијата, беше идентификувано дека починатиот е Мартин Сипковски, државјанин на Северна Македонија, кој, според неофицијални информации, немал криминално досие. Сè уште не е познато како завршил во мафијашките кругови, со оглед на тоа што, според познаници, тој бил модел кој си направил добро име на турскиот пазар и направил голем напредок на модната писта“, рекол изворот за Курир.рс.

Експлозивната направа наводно била подготвена за убиство на човек со криминално досие, кој е поврзан и со навивачки групи.

Истрагата што ја води надлежното Вишо јавно обвинителство во Белград сè уште е во тек.

Текстот Српски медиуми го објавија идентитетот на Македонецот кој загина во експлозијата во Белград е превземен од МАКФАКС.