Владата на Србија денеска одржа вонредна седница поради американските санкции врз НИС.
Министерката за енергетика, Дубравка Џедовиќ Хандановиќ, понуди оставка.
„Се подготвивме за непредвидливи ситуации, за да можеме да реагираме. Сепак, мора да ги задржиме нашите резерви. Како министерка за енергетика, ве известувам дека е невозможно да се води овој ресор во ситуација кога НИС е под санкции. Подготвена сум да поднесам оставка, бидејќи не гледам начин на кој можеме да ја надминеме ситуацијата. Без рафинеријата во Панчево нема живот за нас. Таа е од витално значење за граѓаните и економијата. Можеме да чекаме три или четири дена, но не повеќе од тоа, бидејќи нема прилив на сурова нафта“, кажа Џедовиќ Хандановиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека Србија „страдала како трева во судир на слонови“ во оваа криза, а министерот за финансии, Синиша Мали, нагласи дека земјата нема избор и дека ситуацијата ја загрозува економската стабилност и перспективите за инвестиции.
Седницата ја следеа претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министри и директори на јавни претпријатија.
САД испратија одговор на барањето што руските сопственици на Српската нафтена индустрија го испратија до американскиот OFAC на 11 ноември, со кое се бара продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна, а кое Србија официјално го поддржа.
Во барањето се наведува дека руската страна е подготвена да ја отстапи контролата и влијанието врз компанијата НИС на трета страна. Ова сега е одбиено.
САД воведоа целосни санкции врз НИС поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво на 9 октомври.
Текстот Српската министерка за енергетика понуди оставка поради санкциите врз НИС е превземен од МАКФАКС.























