Само два месеци по регистрацијата во Тирана, српската телевизиска компанија „Arena News Channel Two Albania“ го зголемила својот почетен капитал за 25 пати – од 500 илјади леки на 12,5 милиони нови леки.
Албанската „Arena“ е во сопственост на матичната компанија со речиси исто име, „Arena News Channel Two DOO Beograd“, регистрирана во српската престолнина, а нејзин краен сопственик е јавното претпријатие „Telekom Serbia“, јавуа Boldnews.al пренесува Almakos.

Српска телевизија во Тирана, сомнежи за луѓето зад неа
„Arena“ за првпат е регистрирана во Албанија на 25 ноември 2025 година. Во текот на јануари 2025 година, нејзиниот главен акционер одлучил двојно да го зголеми почетниот капитал, што е знак дека планира значајни инвестиции во Албанија.

На фотографија: „Telekom Serbia“ е краен сопственик на „Arena News…“
Доаѓањето на српска телевизија во Албанија, иако не е забрането, претставува новина, и тоа не нужно позитивна. Особено ако се земе предвид дека јавни податоци покажуваат дека нишките на оваа телевизија водат кон авторитарната власт на српскиот претседател Александар Вучиќ и кон луѓе кои имале моќ за време на диктаторскиот режим на Слободан Милошевиќ.
Нишки што водат до власта на Милошевиќ
Српската компанија „Arena News Channel Two DOO Beograd“ е регистрирана во март 2024 година. Во Албанија, нејзин претставник е Зоран Глисовиќ, додека главна директорка на групацијата во Белград е Александра Крстиќ.

На фотографија: Александра Крстиќ, директорка на „Arena News Channel Two DOO Beograd“
Претходно објавени податоци во белградските медиуми ја поврзуваат г-ѓа Крстиќ со медиумски структури кои воделе кон семејството на Слободан Милошевиќ.
Александра Крстиќ претходно била раководителка на телевизијата „Happy TV“, медиумска група произлезена од поранешната телевизија „TV Košava“, која била во сопственост на Марија Милошевиќ, ќерката на поранешниот српски диктатор Слободан Милошевиќ.

На фотографија: диктаторот Слободан Милошевиќ и неговата ќерка Марија (фотографија од 1997 година)
Исто така, медиумски извори наведуваат дека Александра Крстиќ имала важни позиции и во медиумската група „Invej“ AD, сопственост на контроверзниот српски бизнисмен Предраг Ранковиќ – Пецони, кој се сомничи дека имал врски со озлогласениот криминален „Земунски клан“.
Телевизијата „Happy TV“, која долго време била под раководство на Александра Крстиќ, има изразена про-владина линија во корист на конзервативната власт на претседателот Александар Вучиќ. „Happy TV“ често била користена за подобрување на имиџот на Вучиќ, особено наспроти извештаите на меѓународните медиуми за неговиот начин на владеење.

На фотографија: Истражувањето на „New York Times“ за Александар Вучиќ во 2023 година
Кога во 2023 година американскиот весник „New York Times“ објави истражување со сериозни сомнежи за врските на Вучиќ со криминални групи, телевизијата „Happy“ во Белград беше интензивно користена за одбрана на имиџот на српскиот претседател.
Српска телевизија во Албанија
Компанијата „Arena News Channel Two Albania“ ќе функционира како стандардна телевизиска платформа, според податоците објавени во Националниот деловен центар. Нејзината дејност ќе биде:
„Производство, емитување и дистрибуција на аудиовизуелни содржини преку телевизија, интернет, дигитални платформи и социјални мрежи. Објавување и управување со електронски публикации и онлајн медиуми. Производство, уредување и дистрибуција на видео и аудио материјали за информативни, образовни и забавни цели… итн.“
Иако прикажаната дејност е во рамките на нормалното, она што изгледа необично е фактот дека српски медиум одлучува да се воспостави во Тирана. Албанија и Србија не се познати по пријателски односи, јаз што особено произлегува од однесувањето на српските влади кон Албанците во Косово.
Сепак, овој јаз меѓу двете општества се обидува да се намали преку личните односи меѓу албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Токму овој топол однос Рама–Вучиќ, според написот, ги убедил медиумите блиски до шефот на Белград да започнат со основање телевизија во Албанија – потфат кој изгледа невозможен за албанските инвестиции во Србија.
Опозицијата во Албанија, како и многу влијателни гласови во Косово, со години го обвинуваат премиерот Рама дека се претворил во „васал на Вучиќ“, овозможувајќи му на српскиот претседател значителен политички и економски пристап во Албанија, додека истото воопшто не може да се каже за албанските економски интереси во Србија.























