Дванаесет средношколци од гимназијата „Методи Митевски Брицо“ од Делчево заедно со нивни ментори од Текстилно- кожарската струка ќе ги усовршуваат своите знаења за потребите на проектот „Екомода – иновативни техники за производство на облека од еколошки и рециклирани текстилни материјали”. Активностите се реализираат во рамки на  ЕРАЗМУС+ програмата од клучна акција 1 – Мобилност на поединци за целите на учење.

-Нашите ученици во Бугарија досега имаа неколку активности кои започнаа со пречек од ученици од училиштето Евридика од Крџали. Покрај запознавањето со учениците и игрите на плажа, досега се одржа една работилница на тема Бизнис и претприемништво во текстилната индустрија, со предавачот Ивајло Најденов, информираа од делчевската гимназија.

Во рамки на проектот за учениците од Делчево е вклучена и научно – културна екскурзија во градот Бургас.

-Таму ги посетија најатрактивните места во градот како Морската градина, Општинската зграда, улицата Алеко Покорини, најстариот базар, споменикот Пантеон, Арката на Свети Никола, плоштадот Тројката, плоштадот и црквата Свети Кирил и Методи, Етнографскиот музеј и мапата на сите културно-историски споменици направена на самиот плоштад во форма на мозаик. Посетени беа и трите објекти по кои е познат градот Бургас: часовникот,, компасот и најстариот грамофон, додадоа од СОУ ,,М.М.Брицо”.

Во наредниот период како што додадоа ќе следуваат и главните активности од проектот кои ќе бидат клучни за усовршување на знаењата од Еко-мода и нивната понатамошна примена во образовниот процес во текстилно-кожарската струка.