Доцна ноќеска на средношколци им биле праќани пораки за денеска да ја бојкотираат наставата, поради новиот Закон за учебници со кој се воведуваат електронски учебници за учениците, на сметка на досегашните, од хартија.
Сепак, по социјалните мрежи се шират објави дека ученици од Струмица, Кратово, Скопје денеска ја бојкотирале настава, со цел да повикаат да не биде донесен законот.
Од „Сојузот на средношколци“ пак објаснуваат дека тие не организирале бојкот, туку сметаат дека одредени групи манипулираат со јавноста.
Група родители пак денеска пред Министерството за образование, во периодот од 10-14 часот поставија пункт каде собираат потписи во знак на поддршка на барањата на групата. Појаснуваат дека им се потребни минимум 100 потписи за барањето да влезе во Собрание и да се стопира гласањето на законот. Освен стопирање на Законот тие бараат јавна расправа и дебата за измените, но и директно и непосредно учество на стручни лица и претставници на групата граѓани во ревизија и интервенции во Законот.
Законот вчера беше повлечен од собраниска процедура. Од Министерството за образование објаснија дека на владина седница законот ќе се усогласува со европските препораки. Критичарите пак сметат дека намерата е да се стави европско знаменце на законот, што значи дека треба да биде донесен во покус рок.