Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата од второто полугодие од четврток ако Министерството за образование и наука не ги намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат, од четири на две предмети.
Претставниците на средношколците предлагат првиот предмет за матура да биде задолжителен мајчин јазик, а вториот по избор на ученикот.
Освен тоа, тие бараат Државниот испитен центар во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.
„При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција“, стои во соопштението на Сојузот.
Според нив, барањата ги доставиле до министерката Мила Царовска на 9 декември минатата година, а одлуката за бојкотот ја донеле откако МОН и ДИЦ не биле подготвени да прифатат нивните барања.
Лани во декември средношколци бараа укинување на матурата, додека МОН инсистира матурата да остане.