Актуелните состојби во регионот на Западниот Балкан, евроинтегративниот процес на земјава, предизвиците кои произлегуваат од војната во Украина, кои и улогата на Северна Македонија и Литванија како членки на НАТО, беа главни теми на денешната средба во Вилнус на министерот за надворешни работи Бујар Османи со претседателката на литванскиот парламент, Викторија Чмилите-Нилсен.
Како што соопшти МНР, двајцата соговорници ги поздравија активностите на групите за меѓусебна соработка во парламентите на Северна Македонија и на Литванија, кои несомнено ја збогатуваат билатералната рамка.
– За време на минатогодишната посета на Северна Македонија на литванската Интерпарламентарна група за соработка со земјите од Западен Балкан беше потврден заемниот интерес за поблиска соработка, имајќи во вид дека парламентарната соработка е значајна алатка за јакнење на демократијата и еден од столбовите на севкупните односи на двете држави, се наведува во соопштението.
Османи во Вилнус го посети и Центарот за соработка во енергетската безбедност на НАТО и се сретна со неговото раководство, при што тема на разговор беше енергетската криза, можната соработка со Центарот, користење на експертиза во адресирање на предизвиците поврзани со снабдување со енергенси, како и диверзификација на изворите за идно снабдување со енергенси во нашата земја.
– Соговорниците констатираа дека енергетските ресурси се злоупотребуваат од страна на одредени актери, при што е неопходно заедничко и солидарно делување во рамки на Алијансата, се додава во соопштението.
Во рамки на денешната посета на Литванија, Османи ќе учествува и на Форумот на високо ниво за иднината на демократијата, што се одржува по втор пат во Вилнус, како подготовка на идниот Самит за демократија, кој ќе се одржи на пролет следната година во организација на американскиот претседател Џо Бајден.
Претходно, денеска во Вилнус, Османи имаше средба со неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис кому се заблагодари за конзистентната и јасна поддршка на Литванија во однос на европската интеграција на земјава, како и за артикулирање на потребата од стабилен и демократски Западен Балкан и негово што поскоро пристапување во Европската Унија.
Својата тридневна балтичка турнеја Османи ја продолжува утре со посета на Талин, каде што ќе се сретне со естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу, како и со претседателот на Парламентот на Естонија, Јури Рутас, а ќе ги посети и Естонскиот центар за меѓународен развој и Центарот за соработка во кибер одбраната на НАТО.