Во рамки на работната посета на Брисел, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се сретна со Микела Матуела, вршителка на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија.

Како што соопшти владината прес – служба, разговорот се фокусираше на прашањето на уставните измени и динамиката со која се одвива реформскиот процес во Северна Македонија и особено на важноста да се искористи новиот момент во проширувањето на Унијата. Матуела нагласи дека полноправното членство на Северна Македонија е заедничка цел и дека Европската Комисија продолжува со целосна поддршка на нашата земја.

-Поаѓајќи од улогата на координатор на антикорупциските институции во државата, вицепремиерката Грковска оцени дека клучен проблем е состојбата во правосудството, затоа што двојните стандарди и неказнивоста ја продлабочуваат недовербата во системот и оневозможуваат поголем исчекор во борбата со корупцијата и владеењето на правото. На средбата се разговараше и за последните настани во Судскиот совет, но и за можните начини како да се подобри севкупната состојба во правосудниот систем преку постоечките законски инструменти за јакнење на интегритетот, се наведува во соопштението.

Вицепремиерката Грковска, се додава, одржа состанок и со Марк Јорна, скрининг-координаторот за Северна Македонија и експерт за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија при што разговарале за чекорите кои Владата ги презема во насока на исполнување на стратешките цели на државата.

-Соговорниците се согласија дека проблемите со Бугарија мора да се надминат бидејќи никој нема бенефит од нарушените меѓусоседски односи, а уставните измени не носат суштински измени во Уставот кој секако забранува дискриминација, стои во соопштението.