Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц денеска имаа „пријателски“ и „конструктивен“ разговор, соопштија германски дипломатски извори.

Состанокот во Париз ќе доведе до „многу добра и многу интензивна соработка“ во наредните недели, додаде изворот. Според него, Макрон и Шолц биле „со исти идеи во однос на главните насоки“ на политиката.

Претходно беше соопштено дека двајцата лидери ќе разговараат за одбраната, макроекономските прашања и енергијата на работниот ручек во претседателската палата. Не е планирана прес-конференција по нивната средба.

Денешната средба на Шолц и Макрон во Париз претставува обид да ги надминат тензиите произлезени од различните ставови за повеќе теми, од енергетските и економските прашања до иднината на европската одбрана.

Двете најголеми европски економии традиционално се движечката сила зад клучните одлуки во Европската Унија, вклучително и обезбедувањето милијарди евра, кои се заеднички долг, за да се преброди пандемијата на Ковид.

Но, се чини дека француско-германскиот мотор се заглави, што потенцијално го одложи донесувањето одлуки токму кога ЕУ се бори со акутните предизвици од руската војна во Украина до зголемените цени на енергенсите, пишува Блумберг.