Активната улога на Бугарија во НАТО и во колективната одбрана е гаранција за нашата национална безбедност и за зголемување на нашите одбранбени способности, изјави премиерот Росен Желјазков за време на неговата средба со заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска, јавува Трибуна.

Во текот на разговорот во Владата, премиерот посочи дека Бугариja се придржува кон сите одлуки од Самитот во Хаг, на кој лично учествуваше Желјазков, а имено – засилување на одвраќањето и одбраната на Источниот фронт, особено во Црното Море, зголемување на инвестициите во одбраната, продолжување на колективната поддршка за Украина и зајакнување на партнерството.

„Бугарија константно е меѓу сојузниците во Алијансата, кои со своите последователни дејства го бранат и зајакнуваат нејзиното единство“, изјави заменик генералниот секретар на НАТО. „Вашата земја располага со исклучителен потенцијал за развој на одбранбената индустрија, а најновите иницијативи поврзани со механизмот SAFE, како и неодамна објавениот од вас договор со „Rheinmetall“, се показателен пример во таа насока“, нагласи таа.

Премиерот Росен Желјазков истакна дека Бугарија веќе достигнала над 2% од БДП расходи за одбрана и постои политички консензус за постепено зголемување до 5% од БДП во определениот рок – 2035 година. Во моментот се реализираат и низа проекти за модернизација, фокусирани на набавка на современи системи на вооружување за трите вида вооружени сили: нови оклопни борбени возила „Striker“, два повеќенаменски модуларни патролни брода за ВМС. Започна испораката на ловците F-16. Се работи и на набавка на современи артилериски и високомобилни ракетни системи, 3D радари, системи за противвоздушна и противракетна одбрана, системи за крајбрежна одбрана и др.

Премиерот Росен Желјазков акцентираше врз напорите на Бугарија за зајакнување на одвраќачката и одбранбената позиција на НАТО на Источниот фронт и во Црноморскиот регион. Како добар пример за успешна соработка со сојузниците, Желјазков ја посочи многунационалната борбена група на бугарска територија со Италија како водечка нација и придонес од неколку сојузнички држави, вклучително и Република Северна Македонија. Покрај тоа, Специјалната група за противминско дејствување во Црното Море има сериозен придонес за обезбедување на безбедноста и слободата на пловењето. Во однос на регионалната безбедност, вклучително и воената мобилност на НАТО и ЕУ, премиерот Желјазков го истакна значењето на Паневропскиот коридор VIII, кој го поврзува Јадранското Море од Италија преку Албанија, Република Северна Македонија, до Бугарија на Црното Море. Овој проект е витален и за економскиот раст на поширокиот регион, вклучително и Западниот Балкан, изјави премиерот и изрази очекување сојузниците да ја исполнат својата обврска без одложување.

Идните безбедносни гаранции за Украина исто така беа разгледани во текот на денешната средба, при што премиерот Росен Желјазков беше категоричен дека тие треба да вклучуваат одржлива поддршка како од европските, така и од трансатлантските партнери. Бугарија е подготвена да даде свој придонес во обезбедувањето на такви гаранции како дел од напорите на Коалицијата на подготвените: во морската област на пример – со заеднички операции против мини во рамките на Групата за противминско дејствување во Црното Море, а во воздушната област – можеме да обезбедиме воздушен простор и поддршка од земјата домаќин за коалиционите сили. Желјазков даде висока оценка и за водечката улога на НАТО во иницијативата PURL, која овозможува обезбедување на американска воена опрема за Украина.

На својата средба со Шекеринска, премиерот Желјазков изрази загриженост во однос на продолжената нестабилна безбедносна состојба на Западниот Балкан, обележана од политичка поларизација, меѓуетничка напнатост и институционален дефицит – сето тоа дополнително се влошува од злонамерно влијание и хибридни активности од надворешни фактори. Премиерот беше категоричен дека е од клучно значење да се засили стратешката комуникација како преку НАТО, така и билатерално. Желјазков истакна дека Бугарија е сериозно ангажирана со мирот во регионот и ќе продолжи со својот придонес кон КФОР и ЕУФОР-Алтеа.

Посетата на заменик генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска е во рамките на одржувањето во периодот 7-12 септември во Бугарија на 20-тата вежба на Алијансата за управување со вонредни ситуации. Вежбата се организира и одржува заеднички меѓу Евроатлантскиот координациски центар на НАТО за реагирање при катастрофи и Главна дирекција „Пожарна безбедност и заштита на населението“ при Министерството за внатрешни работи на Бугарија.