Премиерот Зоран Заев оствари средба со поранешниот градоначалник на Солун, политичар и бизнисмен Јанис Бутарис, на која, како што се вели во соопштенито од владината Прес-служба, било истакнато дека од огромна важност е взаемната соработка и поддршка меѓу Северна Македонија и Грција на градење на заеднички капацитети за пристап и користење на фондовите на ЕУ, особено на оние кои се однесуваат на регионалната соработка.
На средбата, се додава во соопштението од владината прес-служба, било истакнато дека Првиот Економски Форум во Скопје, на кој вчера учество зема и Бутарис, е од исклучително значење како платформа за поврзување на регионалните и меѓународните политички лидери, амбасадори, претприемачи, истакнати личности од различни општествени сфери.
Заев и Бутарис се согласија дека од посебна важност е што на Самитот биле вклучени прецизно избрани теми кои во фокус ги имаат најсуштинските прашања кои ја засегаат Северна Македонија, соседните земји и регионот, особено кога станува збор за одржливата и успешна економска билатерална и регионална соработка и развој.
Како еден од најуспешните бизнисмени во винската индустрија во Грција и во регионот, Бутарис го запозна премиерот Заев за новите иницијативи со кои е дојден во нашата земја за кои интерес покажале дел од најголемите домашни производители на вино.
Првиот Економски Форум, кој се одржа вчера во Скопје, беше во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција, и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.