Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Џоли, во рамки на Самитот на НАТО, во Вилнус, Литванија.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи, министерот поздравувајќи го развојот на билатералните односи, посебно ја потенцирал Декларацијата за стратешко партнерство меѓу двете земји, како значен потенцијал и солидна основа за натамошно унапредување на меѓусебната соработка.

Соговорниците ја поздравија блиската соработка меѓу Северна Македонија и Канада во рамките на Алијансата, со посебен акцент на нашето учество во Зајакнатото истурено присуство во Латвија, како дел од словенечкиот контингент, каде рамковна нација е Канада. На тој начин, двете земји заедно со останатите сојузници придонесуваат за зајакнување на Источното крило на Алијансата, во време кога тоа е најпотребно.

-Соработката со Канада, во рамки на НАТО, а особено во мултинационалните борбени групи говори за нашиот активен придонес кон зачувувањето на целокупната трансатлантска сигурност, што е особено значајно во новиот геополитички контекст, нагласи Османи

На средбата се разговарало и за многубројните предизвици по руската воена агресија на Украина, како и за актуелните прашања и состојби во регионот на Западен Балкан. Во тој контекст беше реафирмирана поддршката за европската интеграција на Република Северна Македонија, како значен сегмент од севкупната европска и евроатлантска ориентација на целиот регион.

Османи информирал за активностите во рамки на нашето претседавање со ОБСЕ, како и за улогата и механизмите на Организацијата во насока на справување со предизвиците и зачувување на безбедноста, при што беше изразена поддршка од страна на Канада за политичкото водство и активностите во рамките на претседавањето на земјава со Организацијата.