Споделувајќи заеднички европски вредности, Северна Македонија и Литванија посветено градат мостови на пријателство и соработка, но и бараат решенија за справување со заедничките предизвици, оценија на денешната средба во Вилнус министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис.
На средбата, како што соопшти МНР, е потврден динамичниот политички дијалог кој оваа година резултира со две билатерални посети во Скопје и Вилнус и претставува охрабрување за градење поблиски односи и партнерство.
Османи се заблагодари за конзистентната и јасна поддршка на Литванија во однос на европската интеграција на нашата земја, како и за артикулирање на потребата од стабилен и демократски Западен Балкан и негово што поскоро пристапување во Европската Унија.
– Фактот што Литванија е дел од групата на пријатели на проширувањето, е многу значаен и охрабрувачки за Северна Македонија, потенцира Османи.
Во овој контекст, Османи го брифираше својот домаќин за тековниот скрининг процес, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија, како и за активностите кои престојат во наредниот период.
– Истовремено, новата динамика на геополитички случувања, како последица на војната во Украина, наметнува силна потреба од единство и поблиска соработка меѓу Европската Унија и Алијансата. Зајакнувањето на Источното крило на Алијансата и нашата обединетост како сојузници во однос на одвраќање и одбрана на секоја педа од територијата на земјите членки на НАТО е придонес кон глобалната, регионалната и безбедноста на секоја поединечна земја, истакна Османи.
Министерот Ландсбергис, од своја страна, изрази уверување и подготвеност на Литванија да продолжи силно да ја поддржува земјава, со уверување дека европските интеграции се силна движечка сила на реформските процеси, бидејќи поттикнуваат позитивна промена, просперитет и стабилност.
Тој брифираше за состојбите во Балтикот и безбедносните ризици во непосредно соседство, предизвикани од руската агресија врз Украина, при што ја реафирмира потребата од едногласна солидарност за поддршка на украинските граѓани кои се борат за слобода, како дома, така и пошироко.
– Во овој контекст, Литванија го реафирмира ставот дека целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката и надворешна безбедносна политика на ЕУ за примена на санкциите кон Русија, високо се цени од официјален Вилнус, како чекор кој го потврдува нашето единство и солидарност, се наведува соопштението од МНР.
Двајцата министри разменија мислења за развојот на состојбите во Западниот Балкан, како и за неодложната потреба од дијалог и меѓусебно почитување за изнаоѓање на прифатливи решенија за затворање на отворените прашања. Министерот Османи брифираше и за идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во текот на 2023 година, изразувајќи надеж за блиска соработка и поддршка од пријателска Литванија.
Возвратната посета на Османи на Литванија, која е во рамки на неговата регионална посета на балтичките земји, се реализира на покана на шефот на литванската дипломатија Ландсбергис, кој е воедно и домаќин на Вториот форум на високо ниво за иднината на демократија, што се одржува во Вилнус.