Претседателката на Косово Вјоса Османи и специјалниот претставник на Европската Унија во дијалогот Мирослав Лајчак денеска во Приштина разговараа за последните случувања во процесот на дијалогот со Србија, објави кабинетот на косовската претседателка.

„Претседателката Османи повтори дека Република Косово останува посветено на процесот што придонесува за долгорочен мир, безбедност и одржлив просперитет во регионот“, се вели во соопштението.

Се додава дека Османи нагласила дека анексот за спроведување на основната Спогодба, договорена во Брисел, треба да биде во духот на принципите усвоени во Парламентот на Косово, „во однос на неповредливоста на суверенитетот, територијалниот интегритет, уставноста и функционалноста на државата Косово“.

Османи подвлече дека Косово останува конструктивна страна во процесот на дијалогот и координирано со своите партнери, и повтори дека конечниот збор за договорот треба да го даде Собранието на Косово согласно уставните процедури.

Османи ја поздрави и денешната одлука на Советот на ЕУ со која едногласно се одобри правото на косовските граѓани да патуваат во земјите од Шенген зоната без визи.

Лајчак попладне се среќава со премиерот на Косово, Албин Курти, а за време на дводневната посета на Приштина ќе се сретне и со претставници на опозициските партии.