Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Подгорица имаше средба со својот црногорски колега, министерот за надворешни работи Ѓорѓе Радуловиќ, на која, како што е наведено во соопштението, се реафирмирани традиционалните и пријателски односи меѓу двете земји, но е разговарано и за можностите да се изнајдат конкретни форми за збогатување на соработката, особено во реалниот сектор – економијата, размената и во туризмот.
„Секогаш е убаво да се биде меѓу пријатели, во посета на пријателска земја, а Северна Македонија и Црна Гора се добар пример за тоа. Денешната посета на Црна Гора ја сметам за важна, како за нашите билатерални односи, за кои исто така сметам дека се одлични, така и за целиот регион, кој сѐ уште е обременет со сериозни предизвици, особено за неговата европска иднина”, истакнал Османи.
Покрај билатералните односи, на средбата биле отворени и темите за соработката во рамките на НАТО сојузништвото, како и заокружувањето на европската перспектива на двете земји .
„Процесот на проширување на ЕУ, или да се изразам попрецизно – заокружување или обединување на континентот во еден сојуз – нема алтернатива. Кога се работи за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ не се поставува прашањето дали, туку како и кога!”, кажал Османи.
Министерот Османи во Подгорица треба да биде примен од претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, претседателот на црногорскиот парламент Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ и потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ.