Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Мариа Вирџиниа Мендес да Силва Пина, амбасадорка на Португалската Република во Република Северна Македонија.
На средбата беше констатирано дека односите меѓу двете држави се пријателски и беше изразено очекување за нивно натамошно унапредување, збогатување на договорно-правната рамка, како и за развој на билатералниот политички дијалог на високо и највисоко ниво.
Претседателот Пендаровски ги поздрави напорите на португалското претседателство за одржување во фокус на дебатата за проширување на Европската Унија и притоа се заблагодари за професионалниот пристап на Лисабон во изработката на предлогот за надминување на билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Во оваа смисла, соговорниците разменија мислења за актуелните состојби во пресрет на претстојните Самити на Европската Унија, при што беше нагласено дека Република Северна Македонија ги исполни барањата и заслужува неодложно да ги започне преговорите за членство во Европската Унија.