Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, денеска оствари средба со својот колега Ришард Терлецски, заменик претседател на полскиот Сејм и претседател на Полско-балканската парламентарна група, кој е во посета на Скопје со делегација од претставници во законодавната и извршната власт во Варшава.

Мисовски и Тарлецки разменија мислења околу процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, при што заменик-претседателот на полскиот Сејм ја реафирмира поддршката за полноправно членство на нашата земја во Унијата.

Заблагодарувајќи се на поддршката од Полска за влезот на Северна Македонија во НАТО, а сега и за пристапниот процес кон ЕУ, Мисовски нагласи дека двете земји имаат добри билатерални односи, без отворени прашања, забележувајќи дека секогаш може повеќе.

„Ние како Собрание, во секое време, и стоиме на располагање на Владата за донесување законски решенија, како можност за интензивирање и унапредување на соработката“, рече Мисовски.

Терлецски, пак, упати покана членови на соодветни работни тела во Собранието на РСМ да го посетат полскиот Сејм за размена на искуства, посебно во делот на интерациските процеси и економијата.

Мисовски информира дека Собранието на РСМ донесе Декларација за поддршка на Украина, посочувајќи дека, по руската агресија, и најголемите скептици се согласија дека е добро што нашата земја стана членка на НАТО.

Тој нагласи дека т.н. француски предлог го откочи преговарачкиот процес за Северна Македонија со ЕУ, забележувајќи дека земјава сега е на последната одреденица пред отворањето на поглавјата, на што треба да претходат уставни измени. Мисовски притоа изрази жалење што засега, како што рече, нема поддршка за тој процес од најголемата опозициска партија.

Тарлецки, пак, рече дека Полска е меѓу земјите кои даваат поддршка за проширувањето на ЕУ, истакнувајќи дека за неговата земја е од големо значење патот на Северна Македонија кон Унијата, со оглед на, како што посочи, сличноста меѓу двете земји во повеќе сегменти.

Заменик-претседателот на полскиот Сејм оцени дека проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија е тежок, но заклучи дека секогаш е полесно битките да се водат внатре во ЕУ , отколку надвор од Унијата.