Формирањето на „Хајделберг Факултет во Скопје“, како установа за додипломски и специјалистички постдипломски студии во областите на податоци и компјутерски науки, банкарство, осигурување и контролинг, со што се воведува германскиот дуален образовен систем во Скопје, со теоретска и практична настава по примерот на државниот дуален универзитет од Манхајм, било разговарано на денешната средба на Претседателот Стево Пендаровски со делегацијата од германскиот Институт за бизнис и менаџмент Хајделберг Скопје, претставници од управата на Институтот во Хајделберг и Франкфурт и професори од Државниот дуален универзитет од Манхајм.
На средбата, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, германските претставници го информирале претседателот за процесите на евалуација во насока на стекнување на германска акредитација на Факултетот, како и за можностите за основање на германски кампус во Скопје, со цел ширење на германското дуално универзитетско образование во земјите од Западен Балкан.
Пендаровски ја поздравил успешната соработка меѓу Институтот Хајделберг Скопје и Државниот дуален универзитет од Манхајм и изрази очекување дека истата ќе придонесе за унапредување на македонскиот образовен систем.
На средбата, се вели во соопштението, Пендаровски посочил дека размената на искуства и преносот на знаења и практики од најдобрите германски универзитети, претставуваат одлична можност за стручно усовршување и практична специјализација на македонските студенти, додавајќи дека воведувањето на современите концепти на дуално образование е важно за создавање на квалификувани кадри уште во текот на образовниот процес и позитивно ќе се одрази на севкупната македонска економија.