Активностите поврзани со спречување на насилниот екстремизам, ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција на повратници учесници во странски војски, паравоени формации како и поставеноста и ефикасноста на системот за борба против тероризмот биле теми на денешната средба на националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам Павле Трајанов со Еди Гриф, регионален советник од Европската Унија за борба против тероризам/безбедност со седиште во ЕУ делегацијата во Сараево.
Во активностите за кои се зборувало на средбата се вклучени 22 институции со поддршка на САД, ОБСЕ, Совет на Европа како и повеќе други држави и меѓународни фондации, голем број на невладини организации, верски заедници и други чинители.
-Заедничка оцена е дека Република Северна Македонија во целост ги имплементира донесените национални стратегии за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, акциските планови и другите приоритети согласно надлежностите. Република Северна Македонија го имплементира и заедничкиот акциски план за борба против тероризам во Западен Балкан, се наведува во соопштение собраниската прес-служба.
На средбата присуствуваа и Христо Тончев, политички советник во Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија како и претставници од други институции кои партиципираат во Националниот комитет за СНЕ/БПТ.