Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска имаше средба со в.д. амбасадорка на САД, Никол Варнс. На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, беше истакната исклучително блиската – стратешка одбранбена соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на соработката со Националната гарда на Вермонт.

Се разговараше и за развојот на Армискиот полигон Криволак, во насока да стане еден од најдобрите полигони за обука за воениот персонал во Европа и за претстојните вежбовни активности на истиот во 2025 година, меѓу кои и Immediate Response дел од вежбата Defender Europe, на која ќе учествува лесната пешадиска баталјонска група.

Мисајловски на Варнс и посака добредојде во земјава и успех во работата за време на нејзиниот мандат. Воедно се заблагодари за најголемата финансиска поддршка за опрема и модернизација на Армијата од страна на САД во сите овие години, која надминува 300 милиони долари.

На средбата присуствуваа и в.д. заменик шеф на мисијата на САД, Дејвид Мајерс, одбранбеното аташе, полковникот Даниел Сквајерс и шефот на канцеларијата за соработка во одбраната, потполковник Шон Руфало.