Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска имаше протоколарна средба со швајцарската амбасадорка Вероник Улман, на која разговарале за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на можностите за соработка во јавната администрација.

-За време на средбата, министерот Минчев и амбасадорката Улман разговараа на низа теми, вклучувајќи реформи во јавната администрација, дигитална трансформација, одржлив развој и размена на најдобри практики во реформите во јавниот сектор, соопштуваат од Министерството за администрација.

Минчев ја истакнал важноста на меѓународната соработка за постигнување на целите за модернизација на јавната администрација во државата, како и обезбедувањето на јавните услуги кои, како што рекол,  пред се треба да се ефикасни, транспарентни и достапни за сите граѓани. Тој, исто така, ја изразил својата благодарност за континуираната поддршка и експертиза на Швајцарија во овие области.

Амбасадорката Улман ја потврдила посветеноста на Швајцарија за поддршка на иницијативи кои го подобруваат делувањето на јавната администрација, нагласувајќи ја вредноста на споделувањето знаења и искуства за унапредување на ефективноста на јавниот сектор. Таа, исто така, го пренела континуираниот интерес на Швајцарија за унапредување на заедничките проекти кои придонесуваат за подобрување на условите и зајакнување на капацитетите во јавната администрација.

На средбата бил изразен оптимизам од двете страни насочен кон продлабочување на соработката и позитивното влијание што таа ќе го има врз вработените во јавната администрација.