Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска имал средба со амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, на која, во присуство на  одбранбениот аташе, потполковник Асен Ламбев, разговарале за одбранбената соработка меѓу двете земји за која сметаат дека е „пример како треба да соработуваат две соседски, пријателски и сојузнички земји“.

-Писмото на намери кое неодамна го потпишаа министрите за одбрана на последниот Самит на НАТО, со што се олеснува воената мобилност на Коридорот 8, дополнително ја зацврстува соработката во одбраната, нагласиле Мисајловски и Ангелов на средбата во  Министерството за одбрана.

Како што наведува Министерството за одбрана, билатералната, регионалната и соработката во рамки на НАТО, особено во заштита на источното крило на Алијансата, е „виден показател за соработката меѓу двете сојузнички земји“, посочувајќи дека припадници на македонската Армија се дел од мисијата eVA „Активности на зголемена будност“ во Бугарија, а заеднички учествуваат во Бригадата на Југоисточна Европа.

-Дополнително, одбранбената соработка е јасно видлива и во делот на образованието и обуките за воениот персонал на Воената академија во Бугарија, но и на учеството на питомци на Летниот кампус во организација ан Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“. Заедничкото учество на вежби и обуки како на билатерална, така и на регионална основа, придонесува во развојот на соработката меѓу двете држави, информира Министерството за одбрана.