Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска имала средба со Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која таа ветила дека нема да се одрази врз студентскиот стандард „истрошениот буџет и минусот од 5 милијарди денари“.

Јаневска посочила дека продолжува реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски -Питу“, наскоро ќе започнат активностите во „Стив Наумов“ во Скопје, дека ќе следува подобрување на условите во домовите во целата држава, а во меѓувреме ќе се обезбеди алтернативна опција за сместување за студентите кои ќе ги исполнуваат конкурсните услови.

-Министерството за образование ги поддржува младите во стремежите кон подобро образование и подобра иднина. Студентите, како прогресивна општествена сила, постојано ќе бидат вклучени во креирањето на политиките кои ги засегаат, а не само кога треба да се решаваат предизвици, истакнала  Јаневска.

Како што информира МОН, министерката укажала дека високо го цени младинскиот ангажман, посочувајќи дека сите иницијативи внимателно ќе бидат разгледани, „затоа што заедничка цел е подигнување на квалитетот на образовниот и научниот процес“.

-Во име на студентите, Николовски ги изложи очекувањата од новото раководство на министерството за поголема соработка и заложба во насока на подобрување на студентскиот стандард. Како што посочи, за идните академски граѓани особено важно е МОН навремено да ги исполнува обврските по основ на исплата на стипендии, субвенциониран оброк и други права, што не било пракса во минатото, информира МОН.