Генералната секретарка на Собранието Марина Димовска, заедно со заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски денеска остварија средба со претставници на ОБСЕ Мисијата во Скопје.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата е разговарано за досегашната успешна соработка меѓу Собранието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, тековните проекти и нивната реализација, како и за приоритетите и потребите на Собранието за планирање на идните заеднички проекти.

Претставниците на ОБСЕ Мисијата во Скопје информирале за активности поврзани со настани кои треба да се реализираат во соработка со Собранието со фокус на две области, родовата еднаквост и надзорната улога на Собранието.

Генералната секретарка Димовска изразила подготвеност за продолжување и интензивирање на целокупната соработка, која и во иднина ќе придонесе за поголема ефикасност во работењето на Собранието на Република Северна Македонија.