Претседателот на Собранието Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска денеска остварија средба со директорот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), Џон Флуарти. На средбата беа разменети мислења за досегашната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и ИРИ, како и за можностите за надградување и проширување на соработката во наредниот период и во други сегменти.
Како што информира собраниската прес-служба, беше искажана добра волја за понатамошна логистика за јакнење на капацитетите на законодавната власт во делот на легислативата, стручната служба, транспарентноста и независноста.
Соговорниците посебно се осврнаа на можностите за засилување на надзорната улога на Собранието, како и на неговата отвореност кон јавноста.
Претседателот Гаши ја истакна својата визија за целосна отвореност на Собранието, како просторно, така и инстутуционално, во интерес на граѓаните, како носители на суверенитетот.
На средбата беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочува Собранието во однос на чекорите за исполнување на стратешката цел на земјава за интеграција во ЕУ.