Од голем интерес за Царинската управа е проектите поддржани од ИПА фондовите успешно да се имплементираат и да завршат во предвидените рокови, за да се испорачаат видливи резултати во интерес на македонското стопанство и граѓаните, истакнал директорот на Царинската управа, Бобан Николовски на денешната работна средба со високи претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, предводени од Марија Канелопулу, раководител на Одделот за економски прашања.

На средбата, соопштија од Царина, се разговарало за реализацијата на тековни и идни проекти поддржани од ИПА фондовите, како и вклученоста на Царинската управа во Реформската агенда 2024-2027 во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан.

– Делегацијата на Европската Унија е еден од најзначајните стратешки партнери на Царинската управа, со фокус на подобрување на институционалните капацитети Проектите финансирани со средства од ИПА фондовите, ќе резултираат со усогласување на нашето со законодавството на ЕУ, надградување на капацитетите на знаења на царинските службеници и употреба на софистицирана опрема за подобрување на техничкиот капацитет на службите за контрола во Царинската управа. Преку тековните проекти за реконструкција, модернизација и автоматизација на граничните премини се очекува да се забрза протокот на стоки,  а активностите во насока на ЕУ поддршка во борбата против организираниот криминал да придонесат за подобрување на безбедноста на границите, стои во соопштението.

На средбата била исразена посветеност кон приоритетите за ЕУ интеграција, продолжување на блиската комуникација и соработка со засилен интензитет, во насока на приближување на државата кон ЕУ.