Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска имаше средба со амбасадорот на Република Албанија во земјава Фатос Река.
Како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ и Река разговарале за можното заедничко отпочнување на пристапните преговори со Унијата, со што двете соседни земји ќе имаат можност да остварат и потесна соработка за размена на искуства и заемна поддршка во целокупниот процес на преговори со ЕУ.
Амбасадорот Река ја потврдил поддршката од страна на Албанија за надминување на отворените прашања со соседна Бугарија со цел забрзување а процесот.
– На средбата беше истакнато значењето на тековните иницијативи во кои заедно учествуваат Северна Македонија и Албанија, односно Отворен Балкан и паралелно и Берлинскиот процес. Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорот Река посочија дека интензивирањето на билатералната соработка и на политичко и на економско ниво е од клучно значење во претстојниот период, соопштија од СЕП.
Воедно, ги поздравиле иницијативите за реализација на заеднички инфраструктурни проекти чие спроведување ќе придонесе во приближувањето на земјите, односно скратување на времето на патување и олеснување на трговската размена, како во рамки на проектите за прекугранична соработка со европска поддршка, така и со заеднички проекти меѓу двете влади.