Интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија ќе биде придонес во стабилноста на регионот и на ЕУ, оценија на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката на Швајцарија во земјава Вероника Хулман Марти.
Како што соопшти владината Прес-служба, амбасадорката Хулман Марти ја истакна поддршката од Швајцарија за напредокот на земјава во евроинтеграциите и на домашен реформски план и нагласи дека Берн ќе продолжи да ги поддржува реформите во државава од значење за граѓаните.
– Премиерот Ковачевски ја потврди важноста на придонесот на Швајцарија, како еден од најголемите донатори во земјава, во реализацијата на проекти што го подобруваат квалитетот на живот. Притоа, истакната е значајната поддршка од Швајцарија во демократските процеси на државава, се додава во соопштението.
На средбата заеднички е констатирана потребата за отвореност за дијалог од страна на сите политички субјекти во земјава, кога станува збор за развојот на Република Северна Македонија и за потребите на граѓаните и во таа насока, нагласено е значењето на функционален Парламент и на одржливи политики на локално ниво, при спроведувањето европски проекти и други проекти од полза на граѓаните.
– Премиерот Ковачевски информираше за посветеноста на Владата за решавање на енергетската ситуација, како и кон унапредувањето на животниот стандард на граѓаните, при што веќе е зголемена минималната плата, а се работи на решенија за зголемување и на пензиите, се нагласува во соопштението.
Во однос на ситуацијата со Украина, како што посочуваат од владината Прес-служба, премиерот Ковачевски соопшти дека земјава најостро ја осудува руската инвазија на Украина и дека позицијата на нашата држава е на линија на нашите стратешки партнери НАТО, САД и ЕУ.
– На состанокот е заеднички потврдено големото пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарија, со определба за унапредување на соработката, се додава во соопштението.