Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судијата Татјана Васиќ-Бозаџиева имаа работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.

На средбата, како што соопштија од Уставниот суд, е изразено заемно задоволство од досегашната соработка со германската амбасада, преку проектите со кои се промовира унапредување на слободите и правата на граѓаните и зајакнување на владеењето на правото.

Костадиновски најави дека ќе се залага за воведување на уставна тужба во Република Северна Македонија, како еден од приоритетите во неговиот мандат и искажа благодарност до амбасадорката Дрекслер за поддршката и активностите со кои во изинатиот период се промовираше потребата од воведување на инструментот уставна тужба.

Во насока на продлабочување на соработката со СР Германија, Костадиновски упати писмо и отворена покана за посета на Судот до претседателот на Федералниот уставен суд, проф. д-р Штефан Харбарт.

Амбасадорката Дрекслер нагласи дека е задоволна од досегашните заеднички активности и најави поддршка за идна соработка со германски организации и експерти од областа на уставното право, стои во соопштението од Уставниот суд.