Во рамки на 20. издание на форумот ГЛОБСЕК во Прага, министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, се сретна со францускиот висок комесар за стратешко планирање, г. Клеман Бон. На средбата се разговараше за прашања поврзани со одбраната и безбедноста, актуелниот и идниот развој на Европската унија, како и перспективите за нејзино проширување.
Министерот Георгиев истакна дека низа на кризи, меѓу кои и војната во Украина и растечките тензии на Блискиот Исток, значително ја трансформираа глобалната безбедносна архитектура.
„Во овој контекст, Европа мора значително да ја засили својата одбранбена подготвеност и воени капацитети, за подобро да ја гарантира сопствената безбедност и да биде кредибилен фактор во глобалната безбедност“, нагласи бугарскиот министер.
Тој додаде дека единството на земјите-членки останува најсилниот инструмент на Европската унија во оваа сé покомплицирана геополитичка средина.
„За Бугарија, приоритет е ЕУ да продолжи да вложува напори за економска и социјална кохезија помеѓу државите-членки и регионите. Тоа е не само механизам за економски раст и конкурентност, туку и фактор за градење доверба и поддршка меѓу граѓаните кон ЕУ“, рече Георгиев. Тој додаде дека Бугарија активно работи на финализирање на процесот за воведување на еврото, што ќе придонесе за економска стабилност и интеграција во еврозоната, а истовремено ќе ја зголеми инвестициската привлечност и довербата во бугарската економија.
Министерот Георгиев беше дециден дека европската интеграција е единствениот одржлив пат кон мир и просперитет за Западен Балкан.
„Истовремено, инсистираме дека забрзувањето на интегративните процеси не смее да се случи на сметка на пристапот заснован на заслуги и на воспоставената методологија за проширување“, подвлече Георгиев и додаде дека позицијата на Бугарија во однос на Република Северна Македонија останува јасна и доследна.