Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и нејзиниот заменик, Никола Ѓошевски денеска остварија средба со претставници од Амбасадата на Швајцарија и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).

На средбата се разговараше за проекти кои стратешките партнери во соработка со Собранието ќе ги реализираат во наредниот период, со фокус на процесот на пристапување на државата во Европската Унија и начините на кои може да се зајакнат капацитетите на Собранието, за ефективна поддршка и управување со процесот, стратешко водство и надзор на преговорите за пристапување во ЕУ.

Конкретно, проектите ќе имаат за цел да се зајакнат институционалните капацитети на Собранието, Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања во нивните улоги да обезбедуваат стратешки насоки, да ги надгледуваат преговорите за пристап и да обезбедат усогласување на законодавството, преку приспособени програми за обука на пратениците и на собраниската служба.

Генералната секретарка Димовска ја истакна важноста на отвореноста и транспарентноста на Собранието во однос на евроинтеграциите пред граѓаните, за нивна поголема информираност и подобрување на перцепцијата која ја имаат за Собранието. Во однос на истото ќе се работи на поголема активност на пратениците преку Канцелариите за контакт со граѓаните во градовите. Димовска исто така посочи дека се залага за поголема вклученост на собраниската служба во проектите поврзани со евроинтеграциите и продлабочување на соработката со службите на Европскиот парламент, со цел зајакнување на институционалната меморија.

Присутните се согласија дека Собранието треба да игра клучна улога во европската интеграција на државата, обезбедувајќи усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ и поттикнувајќи транспарентни и ефективни практики на владеење.