Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој денеска пристигна во ненајавена посета на Украина, се сретна со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

– Сакаме да бидеме сигурни дека Украина го има она што и треба, не само за да успее во контраофанзивата, туку и долгорочно за да се осигураме дека располага со силни средства за одвраќање, рече Блинкен, стоејќи до Кулеба.

Американскиот државен секретар јасно стави до знаење дека неговата земја ќе застане на страна на Украина додека ја обновува и зајакнува својата економија и „гради силна демократија“.

Кулеба на социјалната мрежа „Х“ (до неодамна „Твитер“) соопшти дека го пречекал Блинкен.

Шефот на американската дипломатија „стана првиот мој странски колега што го започна својот ден во Киев, оддавајќи им почит на нашите загинати херои на гробиштата Берковец“, напиша украинскиот министер за надворешни работи. Тој го нарече овој гест „знак на почит кон сите украински војници кои ги дадоа своите животи за нашата слобода и право на живот“.

Блинкен во Киев треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Се очекува американскиот државен секретар да објави нова помош за Украина во износ од над една милијарда долари, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на висок претставник на Стејт департментот.