Пишува Никица Корубин
Дека односот на Македонците кон Албанците предоминантно е условен од “српскиот” поглед кон нив, не е никаква новина. Вистинско чудо е како со “товарот” на просрпската доминација во буквално сите пори на општеството, денес Северна Македонија е членка на НАТО и земја кандидат за ЕУ; која патем речено со сите сили, односно, меѓу другото и истите “србофилски” сили и се обидуваат да ја блокираат, тука до каде што стигнала.
Маскирани се со сите можни шминки (медиумски, аналитички, академски, црковни, бизнис, патриотски, невладини), но само една маска тешко им паѓа да ја носат: европско-македонската, надвор од српскиот свет. Тука нема глума, тука искрено и посветено се “Срби поголеми и од самите Срби”, познат синдром на докажување на поданичката лојалноста. Наречете ги како сакате, србомани, србофили, југоносталгичари, ефектот е ист, независна и европска Северна Македонија не е државата која ја посакуваат. Но, ако Македонците се “лесниот” плен, во таа пропагандно-емотивна брутална игра со емоциите и животите, како и зошто Албанците станаа “србизирани”? Или попрецизно кажано, зошто нивниот политички естаблишмент, константно ја докажува лојалноста кон “српскиот свет”?
Одговорот е во основа прилично лесен, затоа што модернизираниот “српски свет”, очигледно оперира со најголемите фобии, како со свои најголеми адути. Иако, во основа останува истиот хегемонизам, базиран на територијалност (територијата е основа за етносот, а тој за хегемонизмот), тој за да го добие истиот ефект има потреба од “непријателот”.
Таа тактика е позната од кога е позната историјата, онаа на освојувачите “пријателите ги потчинуваш, за непријателите да ги придобиеш”; па блискоста на Албанија со Србија во Отворен Балкан, е всушност наводниот парадокс, совршено логичен во ефективноста на “српскиот свет”. И тоа е главниот адут, во параванот наречен “Отворен Балкан”: легализирана (српска) хегемонија. Во која секој си ја добива својата доминација: Албанија над Албанците, а Србија над сите останати. Погодувате, каде е Македонија, во “потчинетите или придобиените”?
Но, за да биде ефикасен, има потреба од аномалијата: “србизирање” на Албанците. Односно, “србизирање” на нивните политички елити. И, ако во случајот на Македонија, токму Албанците низ годините беа главниот фактор, зошто државата уште во 90-тите не беше целосно “србизирана”, па се осамостои и постави на современи политички темели (Времената спогодба за членство во Обединетите нации, Охридскиот договор за функционален систем на почитување на правата, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија за меѓународно позиционирање на државата во современиот свет), токму всушност Албанците станаа “трн во окото”, односно главна пречка за запирање на целосното и неповратно стабилизирање на државата, со ефективно членство во ЕУ. Мораа да бидат придобиени.
И токму затоа е молкот на “јавноста” за проектот Отворен Балкан, односно молкот на сите македонски (очекувано) и албански (неочекувано) партии; востоличен во “една минута до 12”, во последен миг, пред да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Со помош на “антибугарство”, извадено од потсвеста и во жестока “блиц криг” операција “истурено” во јавноста; сепак главната движечка сила за скандализирање на македонското општество, останува “антиалбанството”. Иманентно митолошки антисрпско. Толку логично во посакуваната “просрпска” средина, која се обидуваат да ја воспостават во Северна Македонија.
Но, кој е главниот проблем, во оваа секако проблематична и парадоксална ситуација? Обидот за целосна контрола. Прво контролата над граѓаните, потоа контролата над наративот, и на крај контролата над етносот. Иако сите инструменти се кај нив, граѓаните сепак не се тесниот круг на политички естаблишмент, а наративот е веќе прилично ретрограден (мапи, знамиња, митови).
Но, најинтересен е обидот за симплифицирање на етничкото, со целосно негирање на нијансите и финесите, култоролошки и цивилизациски на Албанците на пример (Албанците во Косово и Албанците во Албанија-северна и јужна, Албанците во Северна Македонија) не се “иста маса” која еден “водач” ќе ја контролира; како што всушност налага шовинистичко-хегемонистичкиот “српски свет” за изедначување на сите Срби, насекаде, за да може некој да ги “прибере” во една држава. Или пак, “нашите” Македонци во Грција, Бугарија и Албанија, кои така лефтерно си ги “присвојуваме”, како бледа, “србофилска” копија на глумење националисти. Тоа е всушност флагрантно негирање и непочитување на “етносот” и неговата сложена појавност, на лично ниво, но и како креатор на цивилизацијата низ вековите во различни култоролошки средини и ситуации.
И затоа низ годините, Македонците се “учеа и тренираа” да бидат постојани “жртви преку отстапки” се “навикнуваа и антагонизираа” на антиалбанство и по потреба антибугарство, со константен дефетизам и фактичка блокада на општеството. Што всушност денес имаме, а требаше да немаме? Имаме своја држава, требаше ли да ја немаме? Имаме делумно право на историското име Македонија, а требаше ли да го немаме? Имаме граѓанска држава со јасни етнички елементи, а требаше ли да ги немаме? Ги имаме главните “заштитници” од реалната опасност на српската хегемонија, Албанците, треба ли да ги немаме?
Па, што треба да имаме, за да “елитите” бидат задоволни, на сметка на граѓаните? Македонски ли ни се елитите? Ги распознаваат ли партнерите и сојузниците, ја распознаваат ли опасноста? Кој е статусот на МПЦ-ОА во моментов, и целиот државен имот, што им е отстапуван низ годините? Чие е културното наследство што го владеат?
И затоа “јавноста” се почесто и пожестоко ќе не “чести” со старите теми. Додека “големите идеи” од минатото, го бараат својот пат. Низ граѓаните, над кои ја губат контролата. И ќе им бидат виновни европските лидери од регионот (Албин Курти), поради контролата која ја немаат. Над албанството. Над македонството контролата секако не е во македонски раце. Да беше, немаше никогаш повеќе да ги гледаме Албанците, нашите сограѓани, нашите сојузници и пријатели, во овој хегемонистички свет со истите очи. Белким, еднаш ќе успееме да видиме кој е нашиот интерес? Интересот на граѓаните и на единствената држава која ја имаат, Северна Македонија? Барем повеќето од нас.