Српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември изјави дека неговата порака до Србите од Косово е дека „нема и нема да има предавање“, тврдејќи дека тие се „принудени на барикади“, објави Радио Слободна Европа.

Во општините на северот на Косово, каде мнозинството се Срби, во текот на вчерашниот ден беа подигнати барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.

Косовската полиција соопшти дека постои сомневање дека Пантиќ учествувал во инцидентот од 6 декември кога беа демолирани просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица и Зубин Поток. Барикадите продолжија и денеска.

Претставниците на српската заедница на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции на северот и оттогаш има зголемени тензии.

Властите во Србија најавија дека во наредните денови ќе побараат од КФОР, мисијата на НАТО на Косово, да врати илјада единици на српската војска и полиција.

Во меѓувреме, одложени се изборите за градоначалник закажани за 18 декември, по оставките на претседателите на општините Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

За да се вратат во институциите, политичките претставници на Србите од Косово бараат формирање Заедница на српски општини, договорена со Бриселскиот договор, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен.

На барикадите состојбата ја надгледуваат и војници на КФОР, како и припадници на ЕУЛЕКС.

Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки во косовски.