Основниот суд во Приштина го осуди обвинетиот Саша Златковиќ, државјанин на Србија, на пет месеци затвор, откако истиот се изјасни за виновен по обвинението за објавување видео на социјалните мрежи, во кое биле навредувани логото на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и мајките Албанки, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според пресудата што во четвртокот ја донесе судијата Куштрим Шити, во казната што му е изречена на Златковиќ ќе му се смета времето поминато во притвор од 22.07.2024 година, а од денеска ќе му биде продолжена мерката притвор до правосилноста на оваа пресуда, но не подолго од времето на изречената казна.
Невладината организација која го надгледува косовското судство, „Заклетва за правда“ објави дека на обвинетиот Златковиќ судот му изрекол дополнителна казна – протерување на странец од територијата на Република Косово во времетраење од пет години, но во траењето на оваа казна не се смета времето поминато во затвор.
Откако судијата заврши со објавување на пресудата, бранителот на Златковиќ, адвокатот Шиќири Сиља го праша судијата дали изречената затворска казна може да се замени со парична казна, но судијата Шити го одби тоа барање, известува „Заклетва за правда“.