Во изминатите 24 часа во Србија се регистрирани 20 смрнтни случаи, а од 16.816 тестирани примероци, 4.576 биле позитивни на коронавирус, објави Министерството за здравство.

Зголемен е и бројот на пациенти во ковид-центрите во болниците низ Србија – денеска има вкупно 4.279, од кои 189 на респиратори. Во однос на бројот на новозаразени, Белград сè уште води – 1.331, додека над 300 заразени имаат Нови Сад (359) и Ниш (304).

Претходно најавената седница на Кризниот штаб не е одржана до денеска попладне, а од тоа тело пристигнуваат збунувачки проценки за намерите и можните одлуки во врска со затворање во траење од најмалку седум дена.

„Седницата на Кризниот штаб е одложена, тоа е вистина. Зошто е одложена, во моментов немам одговор“, рече епидемиологот и член на штабот, доктор Предраг Кон.

Проценувајќи дека епидемиолошката состојба се влошува, Кон го повтори претходното предупредување и барањето на медицинскиот дел од Кризниот штаб дека сите активности со ризик од ширење на инфекцијата мора да бидат заклучени на најмалку една недела за да се спречи притисокот врз здравствените работници.

Во меѓувреме, политичкиот дел од Кризниот штаб се двоуми, обидувајќи се да воспостави рамнотежа за да овозможи што поголем дел од економијата да работи и да обезбеди прилив на пари во државниот буџет.