Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го посети оперативниот центар на Воената безбедносна агенција, заедно со министерот за одбрана Милош Вучевиќ, кој е и лидер на владејачката Српска напредна партија /СНП/, пренесува БГНЕС.
„Денешната посета на претседателот Вучиќ и Милош Вучевиќ на Воено-безбедносната агенција е јасен доказ дека државата се грижи за безбедносниот сектор и дека ќе продолжи да го зголемува капацитетот и на агенцијата, како и на военото разузнавање и на безбедносно-информациската агенција. Нивното синхронизирано дејствување е сигурен гарант за одвраќање на непријателските сили кои дејствуваат против интересите на Србија“. Ова го изјави лидерот на Српската лига, Александар Ѓурѓев, кој важи за најлојален политички и партиски сателит на режимот на Вучиќ.
Ѓурѓев го поздрави притворањето на граѓаните на Србија кои „шпионирале за Албанија и Косово“. „Со овие апсења практично го продолживме притворот на странските шпиони по неутрализирањето на хрватските и бугарските шпиони“, вели уште Ѓурѓев.
Според него, „непријателите на Србија, кога би можеле, би ја распарчиле земјата на мали парчиња, но тоа не можат и нема да го сторат, бидејќи Србија има моќно политичко раководство и воен потенцијал“. „Ние сме должни да се вооружиме. Технички ја подобривме нашата армија. Српската лига ја поддржува намерата на министерот Вучевиќ да го врати задолжителниот воен рок. Претседателот Вучиќ, според оценката на странските медиуми и експерти, направи нечовечки напори и ја претвори Србија во најголема воена сила И геополитичките и регионалните околности нè принудуваат да го зачуваме овој статус“, рече и Ѓурѓев, цитиран од Војводинската телевизија.