Пишува: Владимир Перев

1.
Малку е да се каже дека овогодишната прослава на Српскиот национален празник Св. Сава во скопскиот театар беше скандал. Тоа беше римејк на едно мрачно време кога шешељевци скандираа низ градовите на Југославија “Србија до Карлобаг“, а истовремено низ половина држава се лееја реки од крв. Другата половина ужасната го гледаше српското геноцидно насилие, замрзната од страв за себе си и своите потомци, немоќни, обезвластени да преземат нешто. Сега научивме дека историјата може да се врати и да ни го покаже своето грдо, насилничко, геноцидно лице. Не станува збор за вистински геноцид, станува збор за злосторство…овде станува збор за психоцид-насилие врз цел еден народ, за промена на неговата свест и перцепцијата на реалноста и минатото.

2.
Флоскулата „…до Карлобаг“ може само да послужи како илустрација на еден завојувачки дух, неподготвен и непомирен со себе сѝ и другите, да живее во заедничка држава со другите блиски, па и братски народи. Но интересно е како денес, на тие “огромни српски пространства“, српската власт и Црквата, најдоа да го чествуваат својот најсвет празник, баш во Македонија и баш во состав кој во најмала рака, изненадува. Српските великодостојници ги одбегнаа „исконските српски земји“ како Краина, Херцеговина, Црна Гора-лулката на српството, не отидоа ниту на Косово, ами завршија во Македонскиот народен театар. Има ли тука порака?

3.
Знаеме кој ја организираше прославата, ги знаеме и огромните амбиции на организаторите и понизноста на нашиот човек. Но кој протокол, која личност дозволи две децении по ред, една опскурна, мрачна, злосторничка личност, фалшивиот лидер на полу-држава, да се шета низ македонските брегалници, зебрњаци и слични места и да држи говори за величието на неговиот народ и нашата мизерност. Како дозволивме, персона гонета од нашиот “најважен стратегиски партнер, САД“, да ни се шета низ државата, да говори глупости и да завршува со извиците “Да живее Македонија, да живее Србија, да живее Република Српска и да живее братска Русија…што остана од Европа? Некоја вредност? Кои вредности? Каде се тие?“. Тоа нам овде, во нашата татковина ни го кажува странец кој е на “црната листа на САД“ и ние наместо да го апсиме или најмалку да го протераме, му приредуваме вечеринка со музика…да му се заблагодариме за понижувањата на кои нѐ изложи. Никој, буквално никој не проговори за агресијата на Русија врз Украина и патилата на укаинскиот народ…па зарем украинците, покрај србите и русите, не нѝ се ли братски, еднороден народ?

4.
Архиепископот Стефан евидентно има проблем со личното и сановското достоинство. Наместо да му каже на Патријархот Порфириј, прославата да си ја организира во некоја од неговите диецези, најдобро во истоимениот храм на Врачар во Белград, тој ја прифати ролјата на организатор на српската прослава во Скопје. Класичен однос меѓу сениорот- Порфирије и вазалот г.г. Стефан. Така и ги чувме двосмислените думи на Порфириј за „царско и чесно Скопље“ и за нашата црква. Тука нема ништо нејасно, само ние не сакаме да чуеме и разбереме. Не еднаш Порфирије рекол дека СПЦ ја дава афтокефалноста на МПЦ ОА, ама само во рамките на сопствените, српски овластувања…другата работа да се реши со сестринските цркви, а најмногу со Фанар во Цариград. Дотогаш остануваме во прегратките на Порфириј, толку силно и цврсто прегрнати, што веќе немаме здив.

5.
Српската нација и црква имаат проблеми со себе сѝ, со своето опстојување. Нацијата им се подели на бошњачка, санџачка и црногорска, почна да им се дели и јазикот, а СПЦ полеки ги губи предимствата на огромните духовни пространства врз кои владееше со апсолутна сила. Тоа бугарите добро го знаат, македонските бугари најмногу. Ги знаеме патилата и проблемите на поделените, разединетите, национално преформатираните и меѓусебно намразените еднородни народи. Ние веќе се враќаме од патот по кој Србија и СПЦ несопирливо тргнале…историјата ќе пишува за тоа. Заради тоа српскиот агресивен дух, воената солдатеска и победничките навики од минатите војни, ги тераат да бараат нови територии. Македонија, поделена и обезличена, која веќе и не памети дека од 1860/1870 година до 1920 година, македонските цркви и манастири, во поголемиот дел се бугарски-егзархиски, е најподложна на Reconquista, на повторно освојување.

6.
Каде оди Мицкоски? Ако тој не знае, некој од неговата близина треба да му каже дека нашата Македонија, нашата Република Северна Македонија, НЕ е земја на Св. Сава, се целиот респект кон ликот и делото на светецот. Тој е светец на српскиот народ, нивната икона и верба. Нашиет светци се светите браќа Кирил и Методиј, Светиот ни Климент Охридски, Свети Наум и другите. Нашите свети места се Солун, Плиска, Преслав, Охрид, мистичниот Девол, прилепскиот Варош и бројните цркви и манастири низ земјата -наспроти „српскиот свет до Карлобаг“. Нашата вера е пространството меѓу Црното Море, Костур и Охрид. Таму е нашата духовност.

7.
Убаво е да се слуша Мицкоски кога говори дека нема да “свитка кичма“ пред “францускиот предлог“, дефинирајќи го како бугарска агресија. Нека се погледне самиот, да си ја види свитканата кичма пред еден насилник од непостоечка држава и понизноста пред еден патријарх кој е тргнат во освојувачки поход за нови духовни (па и материјални) пространства. По дадената дозвола за чествување на Св. Сава во Скопје, дали ќе има дозвола да се формираат и некакви српски „духовни и материјални“ општности кај нас, нешто како ехо на пропаднатиот проект на заедницата српските општини во Косово…натаму врви работата. Знае ли Мцкоски дека ова сепак е самостојна и независна држава, осамостоена со трудот, напорите и одрекнувањата на СИТЕ нејзини граѓани. Ако заборавил, некој треба да го потсети!

Некои од нас ги јаде змијата во душата…дали сепак некој не ветил некому, дека „српскиот свет“ ќе биде до Охрид, па и натаму.

Ама, тоа нема да помине лесно…