ВМРО-ДПМНЕ го доведе до колапс системот за водоснабдување во Скопје. Ништо не остана од комуналната инфраструктура во главниот град, велат од СДСМ.

Власта, додаваат од опозициската партија, треба да им објасни на граѓаните за чии интереси го доведе во ваква состојба системот за водоснабдување.

„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје не поддржаа ниту една одлука за одржување на водоводниот систем, а загубите на вода се огромни, дури повеќе од 50%.

Денес цената за незаинтересираноста на власта ја плаќаат децата од ЈЗУ Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – „Козле“ која два дена е без вода.

Срамно и недозволиво е во 21 век, во среде лето, болница каде што се лекуваат деца да остане без вода цели 48 часа.

Во објект во кој се лекуваат болни деца, нарушени се хигиенските и санитарните услови што е сериозен здравствен ризик за пациентите, нивните семејства, но и за здравствениот персонал.

Сето ова се случува во услови на неподнослива ареа, отсуство на санитарни услови и присуство на само една цистерна со техничка вода – која, според медицинските стандарди, не е соодветна за употреба во здравствени установи“.

Наместо грижа, Според СДСМ, пациентите се пренасочуваат во други здравствени установи, што не е решение на проблемот, туку како што велат, тоа е бегање од одговорност.

За СДСМ, иронични се објаснувањата дека причината за дефектот е слаб притисок и конфигурацијата на објектот, иако болницата досега никогаш не се соочила со ваков проблем, ниту пак во летните месеци кога потрошувачката е зголемена.

Ова, според опозициската партија, не е технички дефект туку е системски дефект на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ бара итно решавање на хаосот со системот за водоснабдување, но и одговорност од сите надлежни за состојбата која претставува директна закана за здравјето и животот на децата./Макфакс

Текстот Срамно и недозволиво е во 21 век, среде лето, болница каде што се лекуваат деца да остане без вода, велат од СДСМ е превземен од МАКФАКС.