Валентина Божиновска и Срѓан Керим се меѓу 26-те членови на Стратешкиот совет за надворешна политика, како советодавно тело на Министерството за надворешни работи (МНР), информираше денеска министерот Бујар Османи.
Членови на советот се и Марјан Ѓуровски, Нано Ружин, Денко Малевски, Марко Трошановски, Ивана Туфегџиќ, Гордан Горгиев, Лазар Еленовски, Живко Мукаетов, Виктор Габер, Ајдован Адемовски.
„Ова ќе биде советодавно тело на Министерството за надворешни работи.Се работи за квалитетни луѓе,добри познавачи на надворешната политика. При изборот внимавав да добиеме широка експертиза, да бидат лица кои се ослободени од притисокот на дневната политика. Спремен сум да ги вкрстиме различните ставови за да изградиме заеднички став”, рече министерот Османи на прес-конференцијата.
Инаку, пред десетина години, кај шофер на Срѓан Ќерим на унгарска граница беа откриени 750 илјади евра, пари во шише, по што тогашната опозиција СДСМ бараше одговорност од Срѓан Ќерим, како прв човек на Медиа Принт Македонија, со обвинување дека затајувал данок. Случајот беше отворен и набрзина затворен и според тогашните надлежни институции не беше откриено никакво затајување на данок. УЈП тогаш го затвори случајот, со образложение дека нема нелегални активности, а Срѓан Ќерим најави тужба за Јани Макрадули, во тоа време беше портпарол на СДСМ.
Срѓан Керим е македонски дипломат, поранешен амбасадор и претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации од 18 септември 2007 до 16 септември 2008.