Холандската полиција спречила напад врз центарот за вакцинација против коронавирус во градот Ден Хелдер и уапсиле 37-годишен маж под сомнение дека подготвувал терористички напад, соопштиле денеска од обвинителството.
Мажот наводно имал намера да постави експлозивна направа во центарот за вакцинација за да ја саботира вакцинацијата.
Но, нападот во холандскиот крајбрежен град на северот на земјата е спречен навремено, соопштија обвинителите.
Осомничениот бил приведен на 18 март, но обвинителите дури денеска објавиле детали за случајот.
Јавното обвинителство во соопштението наведува дека случајот го смета за терористички акт: „Активностите на осомничените имаа за цел да внесат голем страв кај населението и да ги дестабилизираат економските и социјалните структури на земјата“.
Судијата му го продолжил притворот на напаѓачот за три месеци. Истрагата продолжува поради можни соучесници.
Во Холандија, во јануари во неколку наврати имало неколку немири и протести против карантинот, како и напади врз центри за тестирање.