Државната секретарка на Португалија за Европа, Ана Паула Закаријаш, одговарајќи на новинарско прашање на Бугарското национално радио, изјави дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, пренесе порталот СДК.
– Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, многу е тешко, бидејќи ова е поврзано и со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите од нив пред да одлучат како да постапат, изјавила Закаријаш.
Исто така одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема, премиерот Зоран Заев изјави дека МНР ќе ја проверува автентичноста на изјавата на Закаријаш.
Тој го повтори ставот дека португалскиот предлог е јасен и навистина е добра основа за решение. Според него, португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни.
– Во самиот предлог во преговарачката рамка е решението „преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик“. Секако, имаат изјави двете страни, и нашата и бугарската страна, кадешто, веројатно, министерката направила толкување за бугарски медиуми или слично за кое нешто ќе провериме денеска преку стручните служби од МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста, рече Заев на новинарско прашање дали по денешната изјава на Закаријаш се уште смета дека португалскиот предлог е добра основа за решение за решение со Бугарија.
Заев посочи дека кога заврши Самитот на ЕУ, односно Европскиот совет, тој и министерот за надворешни Османи веќе дадоа и „длабински коментари“ за португалскиот предлог и доколку се донесеше одлука, во тој предлог стои дека преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик и ги има унилатералната изјава на Македонија и унилатералната изјава на Бугарија.