Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) најмалку заболени од ковид-19 од 27 септември до 3 октомври има кај децата и младите, односно кај возрасните групи од 0-9, 10-19 и 20-29 години.

Во наведениот период, тестирани се 22.548 материјали, со намалување од 10,1% во однос на минатата недела. Регистрирани се 2.670 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, за 9,0% помалку од минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,2% до 14,4%, просечно 11,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.309; 49,0%), а највисока инциденца е регистрирана во Кратово – 294,7/100.000.

Од новозаболените, најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (738, 27,6%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (86; 3,2%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, кое се движи од -1,6% кај лицата од 50-59 години и над 60+ години до -30,6% кај возрасната група од 0-9 години.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.323 (49,6%) лица од машки и 1.347 (50,4%) од женски пол.

Во текот на мината недела вкупно се пријавени 39 реинфекции, зголемување од 21,9% во однос на претходната недела. Заклучно со 3 октомври, вкупно е регистрирана 591 реинфекција (една втора реинфекција).

Пријавени се 85 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (35). Најголем број (73; 85,9%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (1) и 30-30 години (1).

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.