Северна Македонија се најде во непознати води по оставката на премиерот Зоран Заев, откако тој ја презеде одговорноста за големиот пораз на неговата Социјалдемократска партија во вториот круг од локалните избори во неделата. Може да се очекува да се развие сложена ситуација во соседната земја, иако Уставот ѝ дозволува на владејачката коалиција да остане на власт во преостанатите две и пол години од нејзиниот мандат, бидејќи го задржува мнозинството во парламентот. Ако ова навистина се случи, ќе се обезбеди одреден континуитет во внатрешната и – она што е најважно за Грција – надворешната политика, пишува електронското издание на грчкиот весник „Катимерини“.

Како што се наведува, присуството на Заев секако одигра важна симболична, но и суштинска улога во спроведувањето на Договорот од Преспа, успехот на кандидатурата за членство на Северна Македонија во НАТО и очекувањата за непречен пристап во Европската Унија. Неговата оставка ја менува равенката. Сепак, позитивната перспектива може да остане жива ако опстане владината коалиција.

Според грчкиот весник, на коалицијата, сепак, ѝ е зададен тежок удар. Ќе биде ранлива, а заминувањето на Заев ќе го отежне управувањето со ситуацијата, бидејќи ќе ја поттикне реториката на опозицијата за поделба меѓу власта и расположението кај народот – како што беше изразено на локалните избори. Зајакнувањето на националистичката опозиција, која е против договорот за името со Грција, не навестува добро за билатералните односи или за регионалните случувања.

Атина, од своја страна, мора да ја испрати пораката дека во целост ќе го поддржи Договорот од Преспа – и всушност тоа да го стори.

Мора да нагласи и дека и покрај тоа што Нова демократија се спротивстави за Договорот кога беше во опозиција, денес како влада на модерна европска држава, е посветена на континуитетот и почитување на своите меѓународни обврски и дека целосно ќе ги спроведе обврските од спогодбата. Ова е јасна порака наменета за три различни приматели.

Првиот е меѓународната заедница, односно првенствено Европската Унија и САД, кои го поздравија Договорот како фактор што придонесува за стабилноста на Балканот, истовремено враќајќи ја довербата во Грција и ја подигнува нејзината улога во регионалните случувања.

Второ, тоа е порака до политичките сили во Северна Македонија, која ги зајакнува позициите на потписниците на Договорот и ги принудува неговите критичари да го спроведат или ризикуваат да бидат изложени на критики од меѓународните и регионалните институции во светот, како и од влијателните земји.

Конечно, тоа е порака до дел од домашната публика во Грција. Надвор од либералниот дел на Нова демократија кои го поддржуваа Договорот, во Нова демократија има и такви кои сметаат дека Договорот од Преспа е штетен за Грција и служи само за интересите на Северна Македонија. Тие продолжуваат да се противат на Договорот, со што ги спречуваат напорите на грчката влада, анализира „Катимерини“.