Првата голема серија на „Амазон“, според најавите, ќе биде и најскапа во историјата на телевизијата, оставајќи ги зад себе сериите „Круна“ и „Игра на тронови“.

Американската ТВ-платформа „Амазон“ за снимањето на првата сезона од серијата „Господар на прстените“ планира да потроши околу 465 милиони долари, пренесува „Холивуд репортер“.

Изворите потврдиле дека станува збор за огромен износ, иако во сумата се пресметани и трошоците за лансирањето на серијата којашто веројатно ќе има неколку сезони. Во претходните проценки се спомнувале околу 500 милиони долари за производство на повеќе сезони, но не се спомнувале трошоците од 250 милиони долари само за авторските права на наследникот на писателот Џон Роналд Руел Толкин.

Снимањето на серијата веќе започна во Нов Зеланд.

„Ова е фантастично! Ова ќе биде најголемата телевизиска серија што некогаш е направена“, изјавил Стјуарт Неш, министер за економски развој и туризам на Нов Зеланд.

Се претпоставува дека дејството ќе се одвива илјадници години пред настаните во „Господар на прстените“ и „Хобит“ и дека гледачите ќе се вратат во времето во кое се создавале големите сили, во периодот на подемите и падовите на кралствата.

Актерската екипа ја сочинуваат Роберт Арамајо, Назанин Бониади, Морфид Кларк, Исмаел Круз Кордова, Ема Хорват и други.