„Ве известуваме дека СПМ во текот на изминатиот период правеше напори и поднесуваше барања, одржуваше средби и состаноци на синдикално ниво со повеќе институции и синдикати, а со крајна цел, остварување на подобри услови за работа на полициските службеници, а најважно и за повисоки плати.
Свесни сме, како Синдикат, но и како припадници на МВР, дека моменталната просечна плата која МВР ја исплаќа на полициските службеници е далеку од пристојна или нормална, односно истата е пониска од сите прифатливи стандарди за полициско работење во Балканот и во Европската унија.
Иако, во текот на месец август беше донесен ребаланс на буџетот и согласно објавите на веб сајтовите во Македонија сопственост на новински агенции, но и сопственост на државни институции, беше најавено дека ќе има повеќе пари за МВР, како Синдикат се надевавме, а и понатаму се надеваме дека долговетуваното, долгоочекуваното и долгонајавуваното покачување во износ од, не помалку 10-15% на септемвриската плата, ќе биде дадено од страна на власта.
Како СПМ напоменуваме дека, доколку и тие 10-15% бидат дадени во Октомври, сепак, нема ништо позначително да значат или да ја подобрат ситуацијата на полицискиот службеник, а ветуваме дека ќе настојуваме и ќе продолжиме да бараме покачувања сѐ додека не биде исполнето нашето барање 1 евро – 1 бод и тоа во разумен рок од страна на власта.
Доколку пак, повторно, како и многупати до сега во изминатите години, повторно бидеме сведоци на лажни ветувања и претходно ветеното покачување во висина од 10-15% на платата не биде исплатено, ќе преземаме натамошни мерки, согласно позитивните законски прописи, интензивно ќе бараме средби со функционерите, ќе одржуваме состаноци и интензивно ќе продолжиме со нашата синдикална борба за повисоки плати и подобри услови за полицискиот службеник во Република Македонија.
Се уште веруваме и сме убедени дека пари за повисоки плати има обезбедено во Буџетот на МВР и тоа ИТНО мора да се провери“, се вели во соопштението на Синдикат на полиција во Македонија.