Зголемениот буџет за Министерството за внатрешни работи ќе значи континуитет во унапредување на условите за работа, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во одговорот на новинарско прашање во Тетово, тој рече дека тоа е добра работа затоа што за подобрувањето на капацитетите во безбедносниот сектор е потребно повеќе време.
– Важно е дека за Владата безбедносниот сектор е приоритет. Често напоменувам дека за безбедносниот сектор, за одбрана и заштита, за здравството, не треба да разговараме само кога имаме криза бидејќи ни се случувало, ако има Ковид, ајде ќе ги јакнеме капацитетите за здравство. Ако имаме пожар ајде сега ќе разговараме за противпожарни бригади. Ова мора да се решава во континуитет. Да се створаат услови бидејќи и кадар и опрема не е нешто што можете вие за еден ден да го обезбедите. Затоа е важно што таа порака Владата ја прифаќа тоа е јасна политичка волја изразена во овој дел и затоа се зголеми буџетот за шест проценти, изјави Спасовски од Тетово каде беше на регионална средба со раководствата на неколку сектори при МВР.
Министерот најави дека по реконструкција на поголем дел од објектите на подрачјето на СВР Тетово останува само еден објект во Гостивар, а се планира за нови простории за полицијата во Чегране.
На новинарско прашање дали со негов потпис, како што објави ВМРО ДПМНЕ, е назначен Бесфор Аме, кој одлежал затвор за криумчарење, на командирска позиција на ГП Блато, Спасовски одговори дека на ниту еден граничен премин кој е во РЦ Запад таков командир, како што рече, „со таков име нема“.























