Сомнежите за корупција не ја заобиколија ни владата. Поранешниот генерален секретар Мухамед Зекири е во притвор под сомнение за злоупотреба на службена должност. Истрагата првично ја водеше МВР, пред да заврши во Обвинителството. Спасовски одговара како дошле до првични сознанија за криминалот.

-Секој обид или секоја индиција дека постои каков било криминал или висока корупција, и во државните органи, се процесуира. Така што, сите овие активности, пред сè Управата за финансиско разузнавање ги следи финансиските трансакции, веднаш каде што постои сомнеж го известува надлежното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, постапуваме по однос на овие дела. Секако и за конкретниот случај којшто го споменавте е постапувано на тој начин. Ние нашата работа професионално ќе си ја завршиме, но сепак доказите на крај треба да ги цени судот и да ги донесе одлуките, вели Спасовски.

Директорот на финансиската полиција Арафат Муареми е предмет на предистражна постапка за непостапување во истрагата во случајот Труст против бизнисменот Сеад Кочан. Спасовски за него вели:

-Јас видов дека има доставено некаква кривична пријава, не знам дали е воопшто во предистражна постапка, поради тоа што доставувањето на кривичната пријава не значи веднаш преминување кон предистражна постапка. Јас апсолутно верувам дека нема преземено ниту едно дејствие коишто е незаконито, затоа што извршување на пресуда не може никако да биде во надлежност на директор на Управата за финансиска полиција.