Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Северна Македонија е спремна да прифати 750 мигранти од Авганистан.
Османи тврди дека групата на мигранти што требало да слета во Скопје заминала за Катар затоа што ситуацијата се менува брзо на терен.
„Сметам дека ние сме спремни за оваа улога што ја имаме како држава на меѓународната сцена, но и да ја покажеме солидарноста на државата, како и партнерството кон Сојузот во којшто припаѓаме“, вели Османи.
Во врска со безбедноната проверка на мигрантите што треба да пристигат во Скопје, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објаснува дека не станува збор за радикали кои можат да предизвикат проблеми, туку се работи за цивили.
-Граѓаните да бидат спокојни во тој дел, немаме апсолутно никакви индикации за евентуално нарушување на безбедноста, ниту може да стане збор за такво нешто“, уверува Спасовски.
Тој вели дека мигрантите ќе добијат привремен престој од 90 дена, а еден дел од процедурата за издавање на дозвола за привремен престој е и безбедносна проверка преку Агенцијата за национална безбедност.
„Службите се во постојана комуникација со сите наши релевантни фактори во однос на тоа кои се луѓето коишто треба да пристигнат и апсолутно секој еден којшто претставува каков било ризик ние нема да дозволиме да биде на територијата на државата, едноставно само луѓе кои се цивили, кои работеле во ваквите организации“, додава Спасовски.